Која е разликата помеѓу автоматизации и AI агенти?

Се сеќавам кога пред 15-тина, па и повеќе години, кога за прв пат го изгледав филмот „Последниот Самурај“. Бев фасциниран од концептот на самурајската култура, која секогаш, во секој аспект од животот, се стреми кон ред и совршенство. Начинот на кој го поставуваа мечот, на кој се движеа, на кој си го чистеа и складираа оклопот после секоја битка. Сето тоа беше во една хармонија и ред, дијаметрално поставено наспроти самата хаотична природа на војувањето и животот во 19-тиот век.

Стремежот кон создавање ред од хаосот не престана да ме фасцинира и понатаму во животот и кариерата. Тоа беше како светилник, кој стои исправено и пркоси на сред разбрануваниот океан на ентропијата. Оваа дијалектика, просто ме воодушевуваше. Како да се создадат џебови на ред во хаотичниот Космос, кој е примарно дефиниран од вториот закон на термодинамиката, како систем кој секогаш агрегатно се стреми кон хаос и неред. Ова не беше само фасцинација, ова ми беше и се уште ми е една дон-кихотовска опсесија да се пркоси на еден од основните закони на физиката. Да се создаде ред од хаосот. Да се оптимизираат процесите кои по дефиниција во својата природа секогаш се стремат кон неред и хаос.

Како автоматизациите и AI агентите ја менуваат играта кога се работи за оптимизација?

Ако ентропијата е природната состојба на еден бизнис кој расте и генерално функционира во непредвидливата средина на пазарот, тогаш оптимизацијата е нашата форма на ред. Автоматизациите и AI агентите не се само софтверски алатки, тие се архитектурата на тој ред. Тие ја менуваат играта така што ни овозможуваат да изградиме системи кои не само што работат без престан, туку и се прилагодуваат. Сликовито опишано, ако традиционалната автоматизација ја претставува цврстината на челикот, AI агентите го претставуваат остроумниот дух кој знае кога и како да го употреби тој челик.

Што е традиционална автоматизација?

Традиционалната автоматизација е дигиталниот еквивалент на прецизно исцртана процедура. Таа функционира според строги, однапред дефинирани правила – познати како If-This-Then-That логика. Ако се исполни условот А, системот без исклучок го извршува дејството Б.

Овој пристап е столбот на модерната дигитална ефикасност поради неговите клучни карактеристики:

1. Апсолутна предвидливост

Традиционалната автоматизација е „математички“ прецизна. Таа секогаш го дава истиот резултат за истиот влез, што ја прави совршена за критични процеси каде нема место за интерпретација.

2. Брзина и доверливост

Идеална е за задачи кои бараат висок волумен на работа, како префрлање податоци од една табела во друга или синхронизација меѓу различни софтверски платформи.

3. Структурна ригидност

Иако е моќна, таа е ригидна. Ако влезот малку се промени или се појави непредвидена променлива, автоматизацијата едноставно не може да се адаптира и нема способност самата да го реши проблемот.

Пример од реалноста

Корисник пополнува форма на одредена веб страна. Автоматизацијата во истата секунда ги префрла податоците во вашиот CRM систем или google sheet, го известува тимот на Slack или на друга платформа и му испраќа на клиентот генерички, но професионален емаил за потврда. Брзо, точно и без грешка. Ова секако може да се прошири, па така на пример после 24 часа да се прати втор емаил итн.

Што е AI Агент?

Додека автоматизацијата ги следи правилата, AI агентот ги разбира целите. Ова е систем кој користи вештачка интелигенција за да донесува одлуки, да резонира и да извршува задачи со одредена доза на автономија. Тој не е само „канал“ низ кој поминуваат податоците, туку активен учесник во процесот.

Она што го прави AI агентот револуционерен е неговата способност да се справи со хаосот:

1. Прилагодливост

За разлика од фиксните форми, агентот може да разбере неструктурирани податоци. Тој може да прочита долг, емотивен емаил, да преслуша гласовна порака или да анализира хаотичен PDF документ и да извлече суштински информации од него.

2. Способност за резонирање

Наместо да чека прецизна инструкција за секој чекор, агентот може сам да одлучи кој е следниот најдобар потег врз основа на зададената цел. Тој „размислува“ за контекстот.

3. Учење во контекст (RAG)

Преку технологијата Retrieval-Augmented Generation, агентот може да пристапи до вашата интерна база на знаење (документи, ценовници, претходни искуства) и да одговори специфично за потребите на вашиот бизнис, а не само со општи фрази. Фактички агентот претходно се тренира на специфични податоци, кои се складираат во векторска дата база. Со тоа на агентот му давате рамка и значително ја намалувате неговата склоност кон халуцинации.

Токму користејќи ја оваа технологија, моментално креираме два AI агента (еден за корпоративен клиент кој ќе го користи како дел од својата презентација на саем во Нирнберг идниот месец, и втор за институција која има за цел да им обезбеди поефикасни услуги на своите граѓани). Вториот агент го градиме и развиваме pro bono и ќе биде донација од нашата компанија, но за тоа повеќе наскоро.

Пример од реалноста

Клиент испраќа емаил со одредено барање до вашата компанија. Агентот не само што ја евидентира содржината на пораката, туку го анализира тонот и содржината: препознава дали се работи за итна поплака или сериозно барање за понуда. Потоа, ја проверува вашата достапност во календарот и му враќа на клиентот персонализиран одговор со конкретен предлог-термин за состанок. Опционо дури може да креира и специфична понуда за тој клиент. Со ова тој заштедува значително време на компанијата.

Иако во изминативе месеци па и година, AI агентите генерално се користеа во маркетингот, индустријата за грижа на корисници и во други, така да кажеме меки области, моментално има подем на користењето на AI агенти во „реалната“ индустрија. Германската компанија Siemens развива и имплементира AI агенти (ги нарекуваат Industrial Copilots). Од многуте имплементации, една од нив е детекција на прекини и предупредување на можни проблеми во производството.

Понатаму, една од најголемите полски компании за логистика FM Logistic, минатиот месец го имплементираа AlphaEvolve, најновиот AI агент развиен од Google. Агентот имаше за цел да ги оптимизира логистичките рути на компанијата, примарно во нивните магацини. Агентот со помош на комплексен математички алгоритам, креирал нови оптимизирани рути, кои биле толку ефикасни што заштедувале 15.000 километри годишно во патување.

Хибридниот модел: Каде се случува вистинската магија?

Денес најчестото прашање кое многумина го поставуваат е: „Што е подобро – автоматизација или AI агент?“ Но, тоа е погрешно прашање. Вистинската моќ не лежи во изборот помеѓу нив, туку во нивната синергија. Во Tivius, ние веруваме во хибридниот модел – систем каде традиционалната автоматизација ја обезбедува структурата, додека AI агентот ја обезбедува интелигенцијата.

Замислете го ова преку една проста аналогија со управување на авион (можеби и не толку проста):

  • Автоматизацијата е вашиот „Autopilot“: Тоа се инструментите кои ја одржуваат висината, брзината и курсот. Тие работат прецизно според зададени параметри и ве ослободуваат од заморното, мануелно држење на правецот. Без нив, летот би бил исцрпувачки и склон кон човечки грешки.

  • AI Агентот е вашиот интелигентен навигациски систем: Тој го набљудува небото, предвидува невреме на патот, предлага нова рута за да се избегнат турбуленции и комуницира со контролната кула за да најде најбезбеден начин за слетување. Тој знае како да реагира кога условите се менуваат.

Кога овие два системи работат заедно, ние креираме „џебови на совршен ред“ и успешно и пркосиме на ентропијата. Но, многу повеќе од пркос. Синхронизацијата и имплементацијата на овие системи значително ја зголемуваат продуктивноста на компаниите и организациите кои ги имплементираат.

Кога да изберете едно, а кога друго?

Сепак, има ситуации каде може да се користат чисти автоматизации или агенти. Ова се нашите генерални насоки од досегашното искуство во оваа сфера:

  1. Изберете традиционална автоматизација кога:

    • Процесот е 100% предвидлив и секогаш се повторува на ист начин.

    • Работите со чисти, структурирани податоци (Excel табели, бази на податоци).

    • Брзината и нискиот трошок по извршена задача се приоритет.

    • Нема потреба од субјективна проценка или интерпретација.

  2. Изберете AI Агент кога:

    • Влезните податоци се „хаотични“ и неструктурирани (долги мејлови, аудио записи, PDF документи).

    • Потребна е анализа на контекст, тон или емоција во одговорот.

    • Системот треба да донесе одлука врз основа на огромна база на интерно знаење.

    • Процесот бара адаптација на специфични ситуации кои не можат да се предвидат со едноставно „ако-тогаш“ правило.

Заклучок: Вашиот пат од хаос кон ред

Да се вратиме на Самураите. Тие не го практикуваа редот само заради самиот ред. Тие го практикуваа затоа што тоа им даваше слобода – слобода да се фокусираат на вештината, стратегијата и крајната цел, додека сè останато беше автоматизирано во нивниот код на живеење.

Во модерниот бизнис, оптимизацијата преку автоматизации и AI агенти е вашиот ред. Не се работи за тоа да ги замениме луѓето со машини. Се работи за тоа да ги ослободите вашите луѓе од „ентропијата“ на здодевните и повторливи задачи, за да можат да го пружат својот максимум таму каде што се незаменливи – во визијата, креативноста и вистинското стратешко размислување.

Не дозволувајте вашиот бизнис да биде жртва на хаосот! Изградете систем кој пркоси на ентропијата!

Сакате да изградиме ред во вашиот дигитален свет?

Tivius AI, е специјализирана компанија за креирање паметни системи кои работат за вас. Без разлика дали ви треба прецизна автоматизација на процесите или софистициран AI агент кој ќе комуницира со вашите податоци, тука сме да го дизајнираме решението.

Закажете бесплатна консултација

Автор: Blagoj Gjelevski

Related content